Американскиот интернет гигант Google објави дека е подготвен да потпише договори со медиумските куќи, што ќе се обврзат за прв пат да платат надомест за објавување информативни содржини.
Google со години се обидува да се одбрани од барањата на медиумските компании ширум светот, финансиски да ги надомести за користење на содржина. Европските медиуми беа особено гласни во својата критика, пренесува Reuters.
„Денес објавуваме програма за набавка на лиценца според која ќе им плаќаме на издавачите за квалитетна содржина за потребите на новото “информативно искуство”, во план е за втората половина од годината“, објави на блогот на Google потпретседателот за вести, Бред Бендер.
“Информативно искуство” е нов производ на Google кој ќе биде лансиран на Google News и Google Discover.
Во првата фаза, Google ќе потпише договори со германските Der Spiegel, Die Zeit, Frankfurter Allgemeine Zeitung и Rheinische Post, австралиските Schwartz Media, The Conversation и Solstice Mediа и бразилските Diarios Associados и A Gazeta.
Во следната фаза, договорите ќе бидат потпишани и со медиумите на другите земји.
Бендер, во објавата, не објаснува како содржината ќе им биде претставена на корисниците, ниту колку приход очекуваат во Google.
„Енергијата на новинската индустрија е важна, можеби поважна од кога било, затоа што луѓето бараат доверливи информации во време на пандемија и растечката загриженост поради расната неправда ширум светот“, заклучи шефот на Google.