Acer претстави голем број нови производи, а меѓу нив најголемо внимание привлекува Predator линијата гејминг компјутери.
Predator Orion 9000 е премиум гејминг PC на Acer, кој користи Intel процесор до Core i9 Extreme Edition моделот и две Nvidia GeForce RTX 2080 Ti графички картички во SLI модот. За складирањето, компјутерот може да се опреми со до три 3,5-инчни хард диска и два 2,5-инчни SSD диска. Тука е и USB Type-C hot-swap dock за HDD и SSD. Predator Orion 9000 има три 4,7-инчни (120 мм) вентилатори, кои системот го одржуваат разладен. Секако, присутно е и неизоставното RGB осветлување, додека панелот од калено стакло од страна на куќиштето ја покажува внатрешноста на системот.
Потоа, тука е нешто послабиот Predator Orion 3000, кој користи Intel Core процесори од 10. генерација до Core i7 моделот и GPU до GeForce RTX 2070 Super моделот. Може да се конфигурира со до 64GB RAM и до 1TB NVMe SSD простор за складирање + два 3,5-инчни HDD. Тука е и RGB осветлувањето и опционалниот стаклен панел за куќиштето.
На крајот, за оние гејмери кои немаат преголем буџет, тука е новиот Nitro 50. Овој модел, исто така, ја користи десеттата генерација Intel процесори до Core i7 со GeForce RTX 2060 Super GPU. Можно е да се додаде до 64GB RAM, до 1TB SSD и два HDD со до 3TB простор за секој. Овој модел, меѓутоа, нема RGB осветлување, ниту куќиште со проѕирно стакло.