Научниците ја откриле тајната на џиновското јајце пронајдено на Антарктикот, второ најголемо забележано досега.

Јајцето со големина на фудбалска топка е откриено во 2011 година на антарктичкиот остров Симур. Научниците сега претпоставуваат дека јајцето потекнува од морско чудовиште кое живеело пред 68 милиони години.

Најголемото јајце на светот со мека лушпа најверојатно му припаѓало на мосасаурус, морско чудовиште кое живеело во ерата на диносаурусите, сметаат научниците од универзитетот во Тексас кои објавиле истражување за тоа во списанието Nature.

„Не постои такво јајце во светот, ниту по големина ниту по структура”, вели Џулија Кларк, професорка на тој универзитет.

Фосилот од џиновското јајце бил пронајден на 200 метри од остатоците од мосасаурус, долг околу 10 метри. Тоа го откриле чилеанските научници кои го истражувале овој дел од Антарктикот.

„Иако не знаевме што е тоа, неговиот чуден облик и големина нè инспирираа да го земеме и да го истражиме”, изјавил чилеанскиот палеонтолог Дејвид Рубилар Роџерс. Колку е невообичаено јајцето говори и фактот дека чилеанските научници го нарекле „Thing“, алудирајќи на истоимениот филм од 1982 година, чија приказна се одвива на Антарктикот.

Научниците објаснуваат дека ова јајце не личи на јајцата од диносаурус, туку повеќе како оние кои ги положуваат гуштерите или змиите. Поради тоа тие сега претпоставуваат дека му припаѓа на мосасаурусот, кој е во истата природна гранка како гуштерите и змиите.

На научниците, истражувањето им го отежнал фактот што во јајцето немало остатоци од младенче, но најновите истражувања ги насочиле кон мосасаурусот, особено затоа што не постојат слични видови кои би можеле да положат толку големи јајца.

Извор: Kurir.rs