Македонската еспорт екипа покажа исклучително добри резултати во европскиот куп на Нации во еспорт „StayHome European Nations Cup“, освојувајќи шампионско место во League of Legends и вице шампионско место во Counter Strike: Global Offensive. Во играта ProEvolution Soccer 2020 се пласиравме до четврт финалето. На квалификациите за купот на Нации пријавени беа 130 тимови и 40 поединци.
Дванаесет членки на Европската Федерација го организираа овој куп на Нации за да ја подигнат свеста кај младите во Европа за опасноста од Ковид 19 и да порачаат дека е добро да се остане што е можно повеќе во карантин за да се спречи ширењето на вирусот. Купот се одржа во три наслови League of Legends, Counter Strike: Global Offensive и ProEvolution Soccer 2020.
Македонската Еспорт Федерација, во соработка со АНХОЧ и еспортс.мк, обезбедија награди за најдобрите натпреварувачи и ги пренесуваа сите натпревари на твич каналите на федерацијата. Натпреварите ги проследија повеќе од 3000 ентузијасти.
Во League of Legends во финалниот меч ја совладавме репрезентацијата на Израел со резултат 3-1 во мечеви. Кантерџиите го заслужија второто место во овој шампионат во финалниот меч со Чешка каде тесно изгубивме со 2-0, а играта за фудбалерот во PES 2020, Давид Гаревски, заврши во четврт финалето со Украина.
Севкупно, Македонија уште еднаш покажа и докажа дека има таленти и квалитетен кадар во еспортот кои можат достојно да ја претставуваат во дигиталните арени на европската сцена и пошироко.
Наредните официјални натпревари за нашата земја ќе бидат европските квалификации за учество на Светското Еспорт Првенство кое традиционално се оддржува повеќе од десет години во организација на Интернационалната Еспорт Федерација.
Македонската Еспорт Федерација, одговорна за селекција на репрезентативните тимови, останува посветена на својата мисија да ја зголеми еспорт свеста и да помогне во негово официјализирање со што овие еспорт атлети ќе се здобијат со официјален статус на спортисти, ќе можат да просперираат и да ги покажат своите квалитети.