Acer претстави три нови гејминг монитори: два од ED серијата (Acer ED320QRP и Acer ED270RP) и еден од VG серијата (Acer VG271US). Сите три монитори ги краси стапка на освежување на дисплејот од 165Hz и поддршка за AMD FreeSync.

Моделите ED320QRP и ED270RP пристигнуваат со VA панели и Full HD резолуција, додека VG271US има IPS панел и WQHD резолуција. Acer ED320QRP и ED270RP на пазарот се достапни по цени од 250 и 300 евра, додека VG271US се уште не достапен во Европа, но се очекува по цена помеѓу 400 и 500 евра.

Acer VG271US има 27-инчен екран со 2560 x 1440p резолуција. Мониторот нуди 1ms одзив, 10-битен панел, агли на гледање од 178 степени и типично осветлување од 350 нита, со покриеност од 95% на DCI-P3 спектарот на бои. Мониторот има VESA Display HDR400 сертификат, што максималното осветлување го зголемува на 400 нита, кога овој мод е активен. VG271US е опремен со 2x 2W звучника и има 2x HDMI 2.0, 1x DisplayPort 1.2 и 3.5mm приклучоци.

Acer ED320QRP е опремен со 32-инчен, закривен VA панел, со 1920 x 1080p резолуција и 5ms (G2G) одзив. Мониторот има 8-битен панел, со 4000:1 контраст, осветлување од 300 нита и агли на гледање од 178 степени. Тука е и Acer ZeroFrame дизајн, кој ги намалува рамките околу екранот. Конективните опции вклучуваат 2x HDMI порт, 1x DisplayPort и излез за слушалки.

Acer ED270RP е сличен на моделот со поголеми димензии. VA панелот од 27 инчи има 1920 x 1080p резолуција, 5ms (G2G) одзив, ZeroFrame дизајн и контраста од 4000:1, како и агли на гледање од 178 степени. Осветлувањето е намалено на 250 нита. Опциите за конекции кај овој модел вклучуваат 2x HDMI приклучоци, 1x DisplayPort и излез за слушалки.