Доколку баравте начин своите селфи фотографии и објави на Instagram да ги подигнете на повисоко ниво, Adobe има решение. Бесплатната апликација на Adobe, Photoshop Camera сега е достапна на App Store и на Google Play.

Апликацијата донесува „филтри и ефекти кои се вредни за Instagram внимание“, како и неколку AI опции, прилагодени леќи и Photoshop трикови. Компанијата Adobe ја најави апликацијата во ноември на својата конференција Adobe Max и оттогаш е на Public preview, меѓутоа официјалната апликација конечно е сега достапна.

Photoshop Camera е повеќе насочена кон корисниците на социјалните мрежи и инфлуенсерите отколку фотографите. Нема робусни функции за уредување како апликацијата iPad Photoshop. Наместо тоа, овозможува движење низ филтрите пред да ја снимите фотографијата. Ја користи вештачката интелигенција на Sensei за препознавање на субјектите на фотографијата, а може да препорача и автоматски да ги примени прилагодувањата врз основа на техничката содржина на фотографијата (динамичкиот распон, тоналитет, типот на сцена и подрачјето на лицето).

Функцијата Face Light го оптимизира осветлувањето за да ги отстрани острите сенки. Апликацијата ќе го препознае секој предмет во групните селфи за да го отстрани изобличувањето, а ветува и филтри креирани од уметници и инфлуенсери, како Били Елиш.

Adobe во своето соопштение истакнува: „Брзите поправки како осветлување на портрети и отстранување на дисторзии значи дека можете да поставувате фотографии кои изгледаат како на нив да сте потрошиле многу повеќе време, отколку што тоа всушност сте го направиле“.