Социјалната мрежа Twitter сега уште поагресивно ги разгледува објавите кои ја поврзуваат 5G мрежата со пандемијата од коронавирус, додавајќи ознака каде корисниците можат „да ги научат фактите за Ковид-19“.

Со кликнување на оваа ознака Twitter ќе ве однесе на страница на која пишува: „Не, 5G не предизвикува коронавирус“. Тука се наоѓаат линкови до вести, организации за проверка на факти и владини агенции кои ја побиваат теоријата на заговор, пишува Business Insider.

Додаваат и дека целосно ќе ги отстранат твитовите само ако содржат „повик за акција која потенцијално може да предизвика штета”, но и дека „нема да преземат акција за секаков твит кој содржи нецелосни или спорни информации за коронавирусот“. Ова е во согласност со ажурирањето на правилата кои компанијата ги донесе во април.

Понекогаш ознаката се користи и кога нема експлицитна врска помеѓу 5G и коронавирусот, или повик за рушење на инфраструктурата. Така е означен и еден смешен твит, во кој се вели „Хм, денес ќе ги дознаеме фактите за поврзаноста помеѓу 5G и короната“, а веднаш до тоа стои „чичо Глишо” кој излегува од куќата.

Извор: B92.net