Естонија почна со тестирање на еден од првите дигитални пасоши за имунутет во светот, со цел да се обезбеди безбедно враќање на вработените на своите работни места по епидемијата на коронавирусот.
Дигиталниот пасош за имунитет собира податоци за тестот и им овозможува на луѓето да му го покажат својот имунолошки статус на трето лице, како што е работодавецот, преку привремен QR-код по дигитална верификација.
„Дигиталниот пасош за имунитет има цел да ги намали стравувањата и да ги стимулира општествата во светот да го продолжат животот среде пандемија“, рече Тавет Хинрикус, основач на „Трансфервејс“, светски позната технолошка стартап-компанија, која учествуваше во проектот.
Меѓу првите компании што се приклучија на проектот се хотелите „Радисон“, каде што директорот на хотелот „Радисон блу скај“ во Талин, Каидо Ојаперв, вели дека компанијата се обидува да пронајде секакво решение за да може вработените да се вратат на работа, а гостите да доаѓаат во хотелот.
Во Естонија 64 луѓе починале од коронавирусот, а заразени се 1.791. Овој месец таа почна да ги укинува рестриктивните мерки, а минатата недела ги отвори своите граници со Литванија и Летонија.