Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР детектира постоење наводна кампања, во која лица преку социјалните мрежи или преку своите приватни имејл-адреси таргетираат македонски корисници и испраќаат линкови до лажна страница во која се ветува лесна заработка со купување на „новата дигитална криптовалута“ во Кина.
Со кликнување на линкот се влегува на лажната страница:
https://hiphop2610.myshopify.com/blogs/news/china-s-bank-says-it-has-completed-top-level-design-of-digital-currency?fbclid=IwAR3BZ8svkOdWa7_QkTV6Yf2AyyScQjTBuZqK8sdKB2sAe8FgG5vMWttmYKg
а потоа преку сите линкови што се појавуваат на страницата ве пренасочуваат кон страницата
https://yuan-payments.com/, која е хостирана во Украина.
Кога лицата ќе се регистрираат и ќе ги остават своите лични податоци, во рок од неколку минути непознати лица им се јавуваат на телефон со цел да ги убедат дека треба што е можно побргу да се инвестира во новата кинеска криптовалута бидејќи цената расте секој момент.
Направени се проверки на веб-страницата и за неа е утврдено дека како регистратор се јавува лицето Васил Димарев (Vasyl Dymarev) од Русија. Текстовите и статиите на интернет-страницата се убедливо напишани, а со цел граѓаните да поверуваат на нивната веродостојност и постапката им е добро разработена, почетната сума што ја бараат за инвестиција е 250 долари, но во понатамошната комуникација се обидуваат да изнудат и поголеми парични средства, соопшти полицијата.
МВР апелира граѓаните и правните субјекти да не отвараат сомнителни линкови и прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи, да не наседнуваат на измами од ваков тип и правните субјекти да преземат соодветни мерки за заштита на своите компјутерски системи од потенцијален малициозен софтвер во согласност со своите интерни процедури за сајбер-безбедност.