НАСА го слави 30. роденден на вселенскиот телескоп Хабл, откривајќи неверојатен нов портрет на огнено ѕвездораѓање во соседна галаксија, Големиот Магелански Облак оддалечена 163,000 светлосни години. Сликата наречена „Космички гребен“ (наликува на подморски свет), се состои од џиновската црвена маглина (NGC 2014) и нејзиниот помал син сосед (NGC 2020).

Пред триесет години, на 24 април 1990 година, од Вселенскиот центар Кенеди, Хабл беше лансиран во вселенскиот шатл Discovery во придружба на пет астронаути. Стациониран во орбитата, Хабл следниот ден ни отвори нов видик кон Вселената што ја трансформираше нашата цивилизација.

Хабл ја револуционизира модерната астрономија, не само за научниците, туку и за јавноста која беше пренесена на едно чудесно патување на истражување и откривање. Бескрајните небесни слики на Хабл обезбедуваат визуелизација на врвни научни достигнувања. За разлика од неговите претходници, Хабл ја направи астрономијата релевантна и достапна за луѓе од сите возрасти. Иконските слики на вселенскиот телескоп го редефинираа нашето гледиште кон универзумот и нашето место во простор-времето.

Без замаглувачката атмосфера на Земјата, вселенската опсерваторија го открива универзумот со невидена кристално чиста острина низ широк спектар на бранови должини, од ултравиолетова до близу инфрацрвена светлина. Телескопот Хабл досега има направено неверојатни 1.4 милиони фотографии, а едни од неговите најдобри достигнувања вклучуваат: мерење на брзината на ширење  на универзумот; откритието дека црните дупки се честа појава во галаксиите; карактеризиција на атмосферата на егзопланетите; мерење на временските промени на нашите соседи во Сончевиот систем; и хроника на раѓањето и еволуцијата на ѕвездите и галаксиите.

Долготрајноста на Хабл може да се припише на пет мисии за сервисирање, од 1993 до 2009 година, во кои астронаутите го надградија телескопот со напредни инструменти, нова електроника и направија поправки. Преподобната опсерваторија, со својот пакет на фотоапарати и други инструменти, се очекува да остане во функција во 2020., во соработка со претстојниот вселенски телескоп Џејм Веб.