Лесен, тенок, елегантен, атрактивен и моќен се придавките кои најдобро го опишуваат најмалиот флегшип смартфон на Samsung.
Текст и фото: Никола Бурагев
Дизајн
Поради новиот 20:9 екран и никогаш потенките рамки, Galaxy S20 е навистина пријатен смартфон за користење. Не ја оптоварува ни дланката, ни џебот. Вистински одмор во однос на гломазниот Galaxy S20 Ultra (го тестирав неколку дена претходно), но и поголем дел од телефоните во денешно време. Баш се одморив, а што е најдобро, без компромиси, бидејќи Galaxy S20 е полнокрвен флегшип смартфон.
Квалитетот на изработка и изборот на материјали не се доведуваат под знак прашање. Дизајнот се одликува со метална рамка и Gorilla Glass 6 стакло од двете страни, а се одликува и со IP68 сертификат за водоотпорност.
Над екранот, на самиот раб е сместен звучникот, односно слушалката за повици. Селфи-камерата е во мини-отворот на екранот, а скенерот за отпечатоци од прсти е вграден подолу во самиот дисплеј.
Од левата страна нема да најдете ништо, а од десната страна се копчињата за јачина на звук и за вклучување/исклучување на уредот, како и за активирање на дигиталниот асистент Bixby.
На врвот на телефонот е слот за две nano SIM-картички или nano SIM и микроSD и секундарен микрофон. Подолу се USB C за полнење, синхронизација, но и приклучување на слушалките, главниот микрофон и главниот звучник.
На задната страна, Galaxy S20 го донесува најмалиот модул за камера, кој вклучува три леќи, втор микрофон и LED блиц. Стаклото од задната страна е малку заоблено, што го прави уредот уште поудобен и прилично лесен за ракување со една рака.
Екран
Што да се каже за екранот освен дека е врвен! Овој Dynamic AMOLED 2X Infinity-O екран доаѓа со дијагонала од 6,2 инчи, а и покрај тоа Galaxy S20 останува во компактни димензии. Овој дисплеј го краси QHD+ (1.440 x 3.200 пиксели) резолуција и HDR10+ поддршка.
Добро е познато дека каракетристиките на AMOLED екранот се живописни и изразени бои со висок контраст, а видливоста на дневна светлина/сонце е навистина одлична. Дисплејот располага со натпросечна светлина и без проблеми може да се користи на отворено. Во поставките на екранот можно е да се подесат и боите на живописни и природни, а покрај тоа може дополнително да се подесува балансот на белата боја.
Можно е брзината на освежување на екранот да се подеси на стандардните 60Hz или на 120Hz. При подесување на 60Hz се зголемува автономијата на батеријата и нејзиното траење, додека кај 120Hz се добиваат пореалистични анимации и подобро, побрзо, пофлуидно движење на дисплејот, што посебно доаѓа до израз при играњето игри. Стапката на освежување на екранот може да се подеси на 120Hz само на FHD или помала резолуција, а резултира со многу брз и прецизден одговор на вашиот допира на екранот.
Многу корисна можност на овие екрани е и опцијата за промена на резолуцијата. Така е понуден избор помеѓу HD+, FHD+ и WQHD резолуцијата. Ова е функција која може многу да користи за зголемување на времетраењето на батеријата, а со голо око е речиси невозможно да се забележат некои разлики по промената на резолуцијата, посебно помеѓу FHD+ и WQHD.
Севкупно гледано, овој екран нуди одличен приказ на бои, контраст и агли на гледање, како и топли и живописни бои. Од секој можен аспект спаѓа во самиот врв на смартфон индустријата и се сомневаме дека моментно постои подобар дисплеј на некој уред од друг производител. Што и да правите на овој екран, без разлика дали се работи за играње игри, гледање видео и или сурање на интернет, ќе уживате во неговото користење. Galaxy S20 нуди и ултразвучен сензор за отпечатоци од прсти, кој е сместен под екранот и кој работи релативно прецизно и брзо, но се уште оптичките алтернативи се подобро и побрзо решение.
Хардвер
Освен со убавата надворешност, Galaxy S20 може да се пофали и со high-end хардвер. Веќе нормална работа е Samsung да ги опремува своите флегшип смартфони со најсилниот достапен хардвер, а за европскиот пазар се наменети верзиите со Exynos процесорите на компанијата.
Samsung Galaxy S20 доаѓа со осмојадрен Exynos 990 процесор изработен во 7nm производен процес со две Mongoose M5 јадра на такт од 2.73 GHz, две Cortex-A76 јадра, кои работат на такт од 2.50 GHz и четири Cortex-A55 јадра на такт од 2.0 GHz. Овој моќен процесор доаѓа во комбинација со Mali-G77 MP11 графика. Samsung Galaxy S20 доаѓа со 8 GB LPDDR5 работна меморија и со 128 GB UFS 3.0 интерна меморија, која е проширлива со MicroSD картичка со 1 TB.
Тешко е и приближно да се искористат high-end хардверските можности на овој уред, но можеби најмногу доаѓаат до израз кај современите 3D игри. На овој телефон го испробавме стандардниот пакет игри, кој ги вклучува Real Racing 3, PUGB и War Robots, кои новиот уред на Samsung ги врти без никаков проблем.
Камери
Камерите се едно од подрачјата на кои Samsung со своите ударни модели никогаш не разочарува, па исклучок не е ни новиот Galaxy S20. Во правоаголниот модул од задната страна, прв од горниот дел е сместен 12MP ултраширокиот сензор со отвор на бленда f/2.2 со големина на пиксели од 1.4µm, кој ја донесува Super Steady видео функцијата. Се работи за софистицирана AI технологија, која го стабилизира видеото како акциска камера, па така снимките не излегуваат матни и нестабилни, туку остри.
По овој ултраширок сензор следува уште еден 12 MP сензор со отвор на бленда f/1.8 и големина на пиксели 1.8µm, кој има Dual Pixel фазен автофокус и оптичка стабилизација на сликата. Последниот, но не и помалку важен е 64 MP телефото сензор со отвор на бленда f/2.0, со големина на пиксели 0.8µm, фазен автофокус, оптичка стабилизација на сликата и 3x хибриден оптички зум и 30x зум со супер резолуција.
Од останатите опции тука е „Bright Night“ функцијата, благодарение на која поголемиот сензор креира остри и светли фотографии на слабо осветлени призори, а во ноќниот начин на работа, фотографиите се уште посветли. Камерата може да снима повеќе снимки одеднаш, спојувајќи ги во една фотографија со помалку заматеност и шум.
Навистина сме воодушевени со ноќните фотографии, а со самото тоа не е тешко да се заклучи дека еднакво одлични се и фотографиите настанати во добро осветлени простори и надвор. Она што прво го забележавме е молскавичната брзина со која се фотографира, како и брзината на фокусирање – дури и во услови на слабо осветлување, камерата работи еднакво брзо. Сликите е можно да се снимаат и во RAW формат, што ќе им се допадне на оние кои сакаат накнадно да ги обработат своите фотографии. Количината на детали на речиси секоја слика е фантастична, со многу длабочина и со живописни бои. Се работи за дефинитивно врвна камера, која нема да разочара.
Перформанси и батерија
Иако за денешни услови Galaxy S20 е мини телефон, воопшто не му недостасуваат перформанси и моќни внатрешни елементи. Го покренува Exynos 990 (7nm+) чип со 12 GB RAM, 128GB проширлива интерна меморија и Mali-G77 MP11 графика.
Се покажа дека S20, исто како и поголемите браќа од семејството, работи исклучително мазно и флуидно во сите ситуации. Бидејќи е доста тенок, при поинтензивните игри, по некое време се загрева, но без забележлив пад на перформансите.
Квалитетот на телефонските повици не доаѓа во прашање. Galaxy S20 поддржува две физички nano SIM и eSIM картички. GPS, односно локациските услуги, исто така, се покажаа уредни.
Батеријата од 4000mAh нуди целосно задоволителна автономија од еден ден интензивно користење. На едно полнење може да извлече и преку седум часа со вклучен дисплеј и тоа при 120Hz освежување и вклучен Always On екран. Тоа е и повеќе од солидно за вака компактен телефон, но секако дека резултатите зависат и од начинот на употреба.
Полначот во пакетот (25W PD) ја полни батеријата за нешто помалку од 60 минути, а уредот поддржува и безжично полнење. Присутно е и Wireless PowerShare обратното полнење на другите уреди, како Samsung часовниците и слушалки на својот грб.
Заклучок
Колку и на некои да им звучи чудно, Galaxy S20 е ултимативниот компакт на денешницата. Во време на паметни телефони со огромни дислеи, не е необично смартфон со 6,2-инчен екран да се наречен компактен.
Galaxy S20 е телефон за сите кои оние бараат моќни перформанси, топ камери и импресивен OLED екран, односно флегшип смартфон во помали габарити.
Добивате одличен, остар и светол дисплеј со 120Hz освежување, одлични камери и солидно времетраење на батеријата. Покрај тоа, S20 изгледа убаво и елегантно, а нуди и дополнителни трикови како безжично полнење, обратно полнење на другите уреди, водоотпорност, слот за microSD картичка и eSIM поддршка.
На минус страната, нема 3,5 милиметарски влез за слушалки, прединсталираната заштитна фолија по рабовите запнува за прстите, а цената е прилично солидна за квалитетот на уредот
Предности:
- Компактен и пријатен за користење со една рака
- Фантастичен OLED екран со 120Hz освежување
- Топ перформанси
- Одлични камери
- Солидна автономија на батеријата
- IP68 водоотпорност
- Брзо жично и безжично полнење
- Стерео звучници
- Поддржува microSD картичка
Недостатоци:
- Нема 3,5 милиметарски влез за слушалки
- Заштитната фолија на екранот
ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ
Процесор и графика | Exynos 990 (7 nm+) (2×2.73 GHz Mongoose M5 & 2×2.50 GHz Cortex-A76 & 4×2.0 GHz Cortex-A55 ); Mali-G77 MP11 GPU |
Екран: | 6.2″ Dynamic AMOLED 2X; 1440 x 3200; 563ppi, 20:9; HDR10+; 120Hz; Gorilla Glass 6 |
RAM и меморија: | 12 GB / 128GB UFS 3.0 + microSD |
Задни камери: | ? 12MP, f/1.8, 26mm (wide), 1/1.76″, 0.8µm, Dual Pixel PDAF, OIS; 4K 60fps / 8K 24fps ? 64 MP, f/2.0, (telephoto), 1/1.72″, 0.8µm, PDAF, OIS, 3x hybrid optical zoom ? 12 MP, f/2.2, 13mm (ultrawide), 1.4µm, Super Steady video |
Предна камера: | ? 10 MP, f/2.2, 26mm (wide), 0.7µm, Dual Pixel PDAF; 4K 60fps |
Безжично поврзување: | LTE Cat.21, 802.11ac Wi-Fi, NFC, Bluetooth 5 со поддршка за AAC, AptX HD и LDAC |
Батерија: | ?4000 mAh; 25W жично, 15W безжично полнење; Reverse wireless charging 9W |
Издржливост | P68 отпорност на вода и прашина |
Биометриска безбедност: | Сензор за отпечаток од прстот, 3D отклучување со лице |
Оперативен систем: | Android 10 + One UI 2.0 |
Тежина и димензии | 163 g. / 151.7 x 69.1 x 7.9 mm |
Материјали | Gorilla Glass 6 (предна и задна страна), алуминиум (рамка) |