Не можеме да ја исклучиме можоста дека новиот коронавирус има вештачко потекло, вели шефот на Федералната медицинско-биолошка агенција на Русија (ФМБА), Вероника Скворцова, пренесува ТАСС.

„Ми се чини дека оваа ситуација не бара претпоставки, туку сериозни истражувања. Ниту една верзија не може да се исклучи“, рече таа во интервју за рускиот „Канал еден“.

Скворцова додаде дека се потребни сериозни истражувања за ова прашање затоа што вирусите што имаат РНК како генетски материјал (вклучително и коронавирусите) и мутираат многу лесно.

„Навистина, може да видиме дека прилично голем број фрагменти го разликуваат овој вирус од неговиот многу близок роднина, САРС. Тие се приближно 94 отсто слични, а остатокот е различен“, рече таа.

Кон крајот на декември 2019 година кинеските власти ја известија Светската здравствена организација (СЗО) за појава на претходно непозната пневмонија во градот Вухан, во централна Кина. Оттогаш, пријавени се случаи на новиот коронавирус – наречен Ковид-19 од страна на СЗО – во секој дел на светот, вклучително и во Русија.

На 11 март 2020 година СЗО ја прогласи појавата на коронавирусот за пандемија. Според најновите статистички податоци, заразени се повеќе од 2.414.000 луѓе во светот и пријавени се повеќе од 165.000 смртни случаи.

Досега, вкупно 47.121 случаи на коронавирус се потврдени во Русија, при што 3.446 пациенти закрепнале од вирусот. Најновите податоци за Русија укажуваат на 405 смртни случаи на национално ниво.