Apple денеска преку соопштение на својата веб-страница го претстави новиот, поевтин модел на iPhone. Втората генерација на iPhone SE го носи истото име како и оригиналниот SE, кој беше објавен во 2016. година. Смартфонот чини 399 долари, нарачките почнуваат во петок, 17 април, а ќе почне да се продава на 24. април.
Во бројни сегменти станува збор за iPhone 11, адаптиран да се смести во iPhone 8 куќиште. Со iPhone SE (2020) повторно имаме 4,7-инчен Ретина дисплеј, IP67 отпорност на вода и прав, класичен Touch ID сензор, поддршка за безжично полнење и една камера на задната страна. Покрај ова, корисниците сега ќе можат да купат евтин iPhone со најновиот A13 Bionic чип (истиот што го користат iPhone 11, 11 Pro и 11 Pro Max).
Како и секогаш, Apple со посебен акцент ја споменува камерата на новиот iPhone SE модел. Во прашање е 12MP сензор, кој на хартија има доста сличности со главната камера на iPhone 11. Двете камери имаат иста резолуција, f/1.8 отвор на бленда, објектив од шест елементи и сензори со фокус пиксели. За оние на кои видеото им е приоритет, SE има можност за снимање на 4К видео @60fps
Останатите карактеристики кои Apple ги споменува во врска со камерата на iPhone SE (2020), вклучуваат и поддршка за кинематска стабилизација на видеото. Кога е во прашање предната камера, таа има 7MP сензор, за стандардни селфи фотографии и bokeh портрети.
Најновиот Apple iPhone SE (2020) ќе биде достапен во црна, бела и црвена боја, во следните конфигуарации: 64GB простор за складирање по цена од 399 долари; 128GB по цена од 449 долари и 256GB простор по цена од 549 долари.
Поврзани артикли