Многумина прогнозираа дека испораката на персонални компјутери ќе доживее значителен удар по избивањето на пандемијата на коронавирус, а сега е појасно колкава е почетната направена штета. Аналитичката компанија Canalys прогнозира дека продажбата на компјутери забележала пад од 8 проценти во текот на првото тримесечје од 2020. година.
Во споменатиот период, кинеските фабрики останаа затворени по Лунарната Нова година. На ситуацијата не и помогна недостатокот на Intel чипови со преминот на 10nm производен процес. Canalys истакнува дека споменатиот пад е најголем уште од 2016. година, кога падот на испораките на компјутери изнесуваше 12 проценти.
Меѓу топ 5 производителите Apple е во најголеми проблеми, а испораката на компанијата забележа пад од 21 отсто во споредба со почетокот на 2019. година. Сите компании, со исклучок на Dell, забележаа пад на продажбата, а меѓу нив HP и Acer имаа пад од над 10 проценти.
Парадоксално, овие податоци би биле уште полоши да немаше пандемија на коронавирус. Имено, многу компании мораа да им купат нови компјутери на своите вработени, за да им овозможат работа од дома, додека родителите купуваа нови компјутери за да им обезбедат на децата поквалитетно следење на онлајн наставата. Затоа, Canalys очекува дека најголемиот удар PC индустријата ќе го доживее во вториот квартал од оваа година, кога се очекува значителен пад на продажбата и рецесија на пазарот.
Поврзани артикли