- Потенцијална вакцина e во развој за КОВИД-19 со употреба на нова технологија за брзо растење на тутун – во тек е предклиничко тестирање
- Тутунските растенија нудат потенцијал за побрз и побезбеден развој на вакцини во споредба со вообичаените методи
- Потенцијал за производство на 1-3 милиони дози вакцина неделно
Американската биотехнолошка подружница на Бритиш Американ Тобако (БАТ), Кентаки БиоПроцесинг – КБП (Kentucky BioProcessing), развива потенцијална вакцина за КОВИД-19 која сега е во предклиничко тестирање. Ако тестирањето оди добро, БАТ се надева дека со вистинските партнери и поддршка од владини агенции, може да се произведат помеѓу 1 и 3 милиони дози на вакцината неделно, почнувајќи од јуни.
Иако, КБП работи комерцијално, намерата на БАТ е целокупната работа околу проектот за развој на вакцината КОВИД-19 да биде непрофитна.
Во развој на вакцината се користи технологијата на БАТ за брзо растење на тутун, која има неколку предности во однос на конвенционалната технологија за производство на вакцини:
- Потенцијално е побезбедно со оглед дека тутунските растенија не можат да бидат домаќини на патогени кои предизвикуваат заболувања кај човекот.
- Побрза е бидејќи елементите на вакцината се акумулираат во тутунските растенија многу побрзо – 6 недели во тутунските растенија наспроти неколку месеци со употреба на конвенционални методи.
- Формулата за вакцини која КБП ја развива останува стабилна на собна температура, за разлика од конвенционалните вакцини за кои често е потребно ладење.
- Има потенцијал да испорача ефикасен имунолошки одговор во единечна доза.
Американската подружница на БАТ, Рејнолдс Американ Инц. (Reynolds American Inc), ја презема КБП во 2014 година, со цел да ја користи нејзината единствена технологија за екстракција на тутун во развој на нови категории на несогорливи производи.
Во 2014 година, КБП беше една од ретките компании која успеа да развие ефикасен третман против Ебола, произведувајќи ја ZMapp™ во соработка со американската компанија со седиште во Калифорнија, Mapp BioPharmaceuticals, во партнерство со американскиот регулатор за биомедицински напредни истражувања и развој (U.S. Biomedical Advanced Research and Development Authority – BARDA).
КБП неодамна клонираше дел од генетската секвенца на КОВИД-19 што доведе до развој на потенцијален антиген – супстанца која предизвикува имунолошки одговор во организмот, а особено производство на антитела. Овој антиген потоа се вметнува во тутунските растенија за репродукција и, по собирањето на растенијата, антигенот се прочистува и сега подлежи на предклиничко тестирање.
БАТ ја истражува можноста за соработка со владини агенции за да ја доведе својата вакцина во фаза на клинички студии што е можно поскоро. Преку соработка со владини и трети производители, БАТ верува дека може да се произведат помеѓу 1 и 3 милиони дози неделно.
Д-р Дејвид О’Реили, директор за научни истражувања во БАТ, изјави: „Во контакт сме со Американската агенција за храна и лекови и очекуваме насоки за следните чекори. Исто така, стапивме во контакт со Министерството за здравство и социјална заштита на Велика Британија и BARDA во САД, со желба да понудиме наша поддршка и да овозможиме пристап до нашето истражување со цел да се обидеме да го забрзаме развојот на вакцината за борба против КОВИД-19.
„Развојот на вакцините е предизвикувачка и сложена работа, но веруваме дека направивме значаен пробив со нашата технолошка платформа за забрзан раст на тутунски растенија. Подготвени сме на соработка со владите и сите засегнати страни, како би помогнале во борбата против КОВИД-19. Целосно го подржуваме апелот на Обединетите нации, за сеопфатен пристап на целото општество за борба против глобалните проблеми“.
„KPB веќе некое време развива можности за алтернативна употреба на тутунот, а една од тие можности е развој на вакцини. Ние сме посветени на глобалните напори да се запре ширењето на КОВИД-19 со користење на оваа технологија“.
Поврзани артикли