Moderna соопшти дека започнала студии за вакцинација на илјадници деца на возраст под 12 години, што е првиот чекор во новата фаза на кампањата за имунизација во САД. Според некои експерти вакцинацијата на деца можеби ќе биде неопходна за да се елиминира пандемијата.

Децата обично се поштедени од сериозни болести, но Американците на возраст под 18 години сочинуваат приближно една петтина од 330 милиони жители на САД, а милиони се заразени во моментов.

„Ако навистина сакаме да постигнеме групен имунитет, ќе треба да се вакцинираат до 80 проценти од нашата популација, а ние навистина не можеме да го направиме тоа без да ги вакцинираме децата“, изјави за AFP Ли Савио Бирс, претседател на Американската академија за педијатрија (ААП).

Режимот со две дози на Moderna е одобрен за употреба кај возрасни и компанијата веќе е во средина на студија за адолесценти, која се очекува да заврши до јуни.

Новото истражување се очекува да вклучи 6.750 учесници на возраст од 6 месеци до 12 години.

Вакцината Pfizer/BioNTech е одобрена за вакцинација кај лица постари од 16 години, а компанијата спроведува студија за млади, како и Johnson & Johnson, додека AstraZeneca започна со тестирање на вакцината кај деца постари од 6 години.

Придобивките од вакцинирање на деца се директни во однос на спречување на ретки компликации кај деца, како што е пост-инфективната состојба „мултисистемски воспалителен синдром кај деца“ (МИС-Ц), но исто така индиректни во однос на ограничување на ширењето на вирусот.

„Кое ниво на несакани ефекти е прифатливо и дали сегашната генерација на вакцини е најдобра за употреба како детски вакцини?“, вели за AFP д-р Амеш Адалџа, научник од Центарот за здравствена безбедност на Универзитетот „Џон Хопкинс“.

Тој додаде дека вакцините за деца се во фаза на развој, бидејќи досега одобрените можат да предизвикаат помали или поинтензивни несакани реакции кај нив.

Адалџа додаде дека гледа непосредна потреба и улога за вакцини кај деца од средно училиште, кои се многу слични на возрасните по начинот на кој можат да ја шират заразата.

Според последните официјални податоци, 294 лица помлади од 18 години починале од коронавирус во САД, што е занемарлив процент од речиси 535.000 жртви на пандемија во земјата.

Доминантно истражување, исто така, покажува дека помалите деца, особено оние под 10 години, имаат помала веројатност да се заразат и да го шират вирусот. Но, и во двата случаја, „помалку веројатно“ не значи „невозможно“.

„Милиони деца се заразени со вирусот, и колку повеќе деца се заразени, толку повеќе деца потенцијално можат да добијат компликации“, рече Хенри Бернстајн, професор по педијатрија во Детскиот медицински центар „Коен“.

„Знаеме дека коронавирусот го влоши квалитетот на образованието на учениците, знаеме дека предизвикува проблеми со физичкото, менталното и емоционалното здравје на децата и адолесцентите“, рече тој.

Бернстајн ја поддржува вакцинацијата на деца, но додаде дека е императив вакцините внимателно да се проучени затоа што „децата не се млади возрасни“ и од возрасните се разликуваат во важни физиолошки аспекти.

Ниту еден од анкетираните експерти не верува дека вакцинациите треба да се сметаат како услов за отворање училишта.

„Како и другите видови на превентивни мерки, препорачуваме: физичко дистанцирање, миење раце и носење маски, вакцинирањето деца е друга алатка во нашата кутија со алатки за запирање на инфекцијата“, рече д-р Нипуние Раџапакса, специјалист за заразни болести кај деца на Клиниката „Мајо“.

„Исто така, треба да се земе предвид дека во некои случаи може да биде тешко да се предвиди точно кое дете има ризик од развој на тешки компликации откако ќе заболи од COVID-19“, рече Раџапакса.

Ова е особено точно за МИС-Ц- најстрашната компликација кај малите деца, која се јавува неколку недели по инфекцијата и предизвикува воспаление во различни делови на телото.