Популарната веб-страница DxOMark ги објави тестовите на камерите на Huawei P40 Pro телефонот, кои покажуваат дека споменатиот модел има убедливо најдобри камери во однос на конкуренцијата. P40 Pro оствари вкупен резултат од 128 поени во тестирањето на камерите.

Смартфонот оствари нов рекорд кога е во прашање тестот на фотографирањето, освојувајќи 140 поени. Huawei P40 Pro на поединечните тестови на функциите на камерата оствари или рекордни резултати или е во рамките на досегашните најдобри резултати на конкуренцијата.

DxOMark посебно го пофали Huawei P40 Pro на полето на зумирање, што е и главната одлика, која кинеската компанија ја промовираше во текот на објавата на телефонот. На тестот на снимање на видео, остварен е резултат од 105 поени, што уредот исто така го става на самиот врв, со одличен автофокус и 100 проценти покриеност на пикселите со фазна детекција.

Кога е во прашање тестот на селфи камерата, P40 Pro повторно оствари рекорден резултат од 103 поени. Пофален е IR сензорот, кој креира импресивен бокех ефект во селфи фотографиите, а забележани се и значајни подобрувања со додатокот на автофокус. Со резултат од 95 поени, селфи камерата на телефонот е најдобра и во снимање видео.

Деталната анализа на камерите на Huawei P40 Pro и нивните можности можете да погледнете на сајтот DxOMark.