Популарната апликација се обидува да им олесни на корисниците да се префрлаат помеѓу повеќе сметки.

Оние кои користат две различни сметки на WhatsApp наскоро ќе можат да се логираат и на двете од само еден уред.

Марк Цукерберг, извршен директор на Мета, објави дека WhatsApp им овозможува на корисниците да се префрлаат помеѓу сметките на Android без да им треба друг уред.

Новата функција треба да им олесни на корисниците да управуваат со разговорите на повеќе сметки – доколку имате приватна и деловна сметка.

Функцијата ќе почне да се прикажува за корисниците во текот на следните недели.

Мета истакнува дека на корисниците сепак ќе им треба посебен телефонски број и SIM-картичка (или телефон кој поддржува опции за повеќе SIM или eSIM) за да постават друга сметка. Ќе биде потребен и друг телефон или SIM-картичка за да се добијат еднократните шифри што WhatsApp ги испраќа за верификација.