Повеќе од една година откако Polaroid Originals го лансираше OneStep+, до корисниците пристигнува и нова камера – vintage и аналогна – а под името Polaroid Now. Новиот апарат доби автофокус, а изгуби некои опции за поврзување со другите уреди, како оние што овозможува снимање на селфи на одредена оддалеченост.

Со OneStep+ корисникот можеше да бира помеѓу две леќи (за портрет и за панорама), а Now тој избор го прави самостојно, врз основа на тоа колку е оддалечен објектот што се фотографира. Новиот апарат ја изгуби и опцијата поради која неговиот претходник беше прилично популарен, а во прашање е можноста за Bluetooth поврзување со паметен телефон, благодарение на што корисниците можат да го користат апаратот и од одредена оддалеченост. Now наместо тоа нуди ново копче, и со еден притисок го активира тајмерот, додека двата клика донесуваат двојна експозиција.

Polaroid Now користи i-Type филм како и претходникот, а LED бројачот на задната страна покажува колку снимки преостанале. Батеријата може да потрае додека не се потрошат 15 филмови, од кои секој има по осум снимки, а потоа се полни преку Micro USB порт.

Камерата наскоро би требало да стане достапна на веб-сајтот на Polaroid, а по цена од 99 долари, што е за 60 долари помалку од она колку што чинеше моделот OneStep+.