Астрономи откриле необична ѕвезда што осцилира во ритмичка шема, но само од едната страна. Гравитациските сили го измениле обликот на ѕвездата и ѝ дале форма на капка.

– Теоретски, знаеме дека ваквите ѕвезди треба да постојат уште од 80-тите години – вели професорот Дон Курц од Универзитетот во Централен Ланкашир и еден од авторите на истражувањето за ѕвездата.

– Барав ваква ѕвезда речиси 40 години и сега конечно најдовме таква – пишува тој во известување.

Ѕвездата е именувана ХД74423 и има маса приближно 1,7 пати поголема од онаа на Сонцето. Таа се наоѓа на околу 1.500 светлосни години од Земјата и се наоѓа во Млечниот Пат.

– Она што прво ми го привлече вниманието беше фактот дека е хемиски необична ѕвезда. Ваквите ѕвезди обично се многу богати со метали, но оваа нема многу метали, што ја прави ретка за ваквиот вид ѕвезди – вели Сајмон Марфи од Институтот за астрономија на Универзитетот во Сиднеј, еден од авторите.

Ѕвездите може да осцилираат со различен ритам и степен. Астрономите претпоставуваат дека тоа е резултат на силите на конвекцијата и магнетното поле во ѕвездите. Овие осцилации се забележуваат од сите страни на ѕвездите, но кај оваа ѕвезда има пулсирање само на едната страна поради друга мала џуџеста планета што е до неа. Овие две вселенски тела се движат толку блиску едно до друго, што поголемата ѕвезда се искривила и добила форма на капка.

Астрономите претпоставуваат дека во иднина ќе бидат откриени уште вакви ѕвезди.