Amazon има решение за работниците кои повеќе не сакаат да работат во таа компанија, според кое треба да им плати за да си заминат, пренесува Си-ен-би-си.

Имено, американската фирма им нуди на вработените од 2.000 до 5.000 долари за да ја напуштат компанијата. Вработените имаат право на ова по една година работа во компанијата, но ако ја прифатат понудата, немаат веќе право да се вратат да работат за гигантот на милијардерот Џеф Безос.

– Ние сакаме во Amazon тие да бидат она што навистина сакаат да бидат. На подолг рок, ако работникот остане некаде каде што не сака да работи – тоа не е корисно ни за него, ниту за самата компанија, изјави гласноговорничката на компанијата, Мелани Ичиз.

Но, Amazon, всушност, не сака работниците да ја прифатат понудата. Дури и во понудата стои „Те молам, не ја прифаќај оваа понуда“.

Оваа програма, наречена „Pay to Quit“ (отплата за отказ), првпат е применета во малопродажната компанија за обувки Запос, која Амазон ја купи во 2009 година.