Samsung и TSMC веќе со години се снабдувачи на чипови за iPhone и iPad уредите, но најновите извештаи сугерираат дека годинашните 7 нанометарски А12 чипови ќе пристигнат само од производните погони на тајванската компанија TSMC.

Причина за ваквата одлука е тоа што јужнокорејскиот Samsung ќе успее да го достигне масовното производство на 7nm чипови дури во текот на втората половина од годината, што е доцна за Apple.

Како што знаеме, iPhone моделите вообичаено се појавуваат во септември, а според наводите на Bloomberg, годинашното производство на чипови веќе почна во фабриките на компанијата TSMC. Чиповите ќе бидат подготвени навреме за наредниот iPhone X, Plus моделот и буџетски ориентираниот iPhone.

Претходниот A11 Bionic чипсет користеше 10 nm производен процес. Намалувањето на големината на процесот би требало да овозможи значајни подобрувања во потрошувачката, со подобрени перформанси и работен век на батеријата.