Роверот „Кјуриосити“ на НАСА сними панорамски фотографии на Марс во највисока резолуција досега.
Панорамата е составена од повеќе од 1000 фотографии во текот на Денот на благодарноста минатата година и содржи 1,8 милијарди пиксели, соопшти НАСА.
За снимање на панорамата била користена камера „Маст“, односно „Масткам“. На панорамата е прикажан Глен Торидон, подрачје кое „Кјуриосити“ го истражува веќе со години. Снимени се за време на 24 ноември и 1 декември.
„Кјуриосити„ е роверот на НАСА кој во 2012 година успешно слета на Марс и ја започна својата, на почетокот замислена како двогодишна, истражувачка мисија, за која се уште не се знае кога ќе заврши.
Главните цели на „Кјуриосити“ се истражување на климата на Марс и геологијата и барање одговори на прашања дали на планетата некогаш постоел живот.
„Кјуриосити“ со себе ги носи најнапредните инструменти било кога лансирани кон Марс и со своите 900 килограми најтежок ровер кој некогаш слетал на друго небеско тело.
Поврзани артикли