По објавата на Galaxy A51 и Galaxy A71 моделите во декември, Samsung сега се подготвува да претстави уште еден телефон од A-серијата, Galaxy A41. Благодарение на дојавувачот @onleaks, имаме прилика да видиме нацрти од претстојниот смартфон.

За почеток, Samsung Galaxy A41 ќе имплементира Infinity U-дисплеј, со нешто позабележителни рамки од страна. Се сугерира дека екранот ќе има дијагонала од околу шест инчи.

На задната страна на телефонот се наоѓа систем со три камери и LED блиц. Се верува дека главната камера има 48MP сензор. Кога е во прашање селфи камерата, најверојатно станува збор за сензор од 25MP. Со оглед на тоа дека на задниот дел не постои видлив сензор за отпечатоци од прсти, веројатно Galaxy A41 ќе користи in-display читач за отпечатоци.

Уредот би требало да го покренува MediaTek Helio P65 чипсет, во комбинација со 4GB RAM. Иако не е потврдено, гласините сугерираат дека телефонот ќе го напојува 3500mAh батерија со 15W брзо полнење.

Кога е во прашање софтверот, Samsung Galaxy A41 ќе го користи One UI 2.0 заснован на Android 10. Се очекува дека ќе биде достапен во верзии со 64GB или 128GB простор за складирање.