Nintendo PlayStation е еден од оние производи кои заземаат посебно место во историјата на игри, бидејќи се работи за конзола која е произведена во помалку од 200 примероци. Тие никогаш не го доживеале официјалното претставување на пазарот, затоа што се работело за прототипи од кои се откажале пред да започне сериското производство.

Овој производ е уникатен затоа што е дизајниран така што овозможува играње Sony „Super Disc“ игри, но може да користи и касети Nintendo.

Еден од ретките преостанати прототипи се појави на аукција. Таа трае до 6 март, а една работа е сигурна – ќе има жестоко наддавање до крајот на аукцијата. Цената најверојатно ќе оди „до небо“, затоа што по само 24 часа од почетокот таа веќе достигна 205.000 долари. Тој износ го понуди основачот на Oculus VR, Палмер Луки.

Се проценува дека оваа необична конзола ќе ја надмине цената од еден милион долари, бидејќи сопственикот истакнал дека пред аукцијата имал понуда од 1,2 милиони долари, која ја одбил.