Најстариот материјал пронајден на нашата планета долетал од вселената пред половина век. Станува збор за ѕвездена прашина чие откритие е од неверојатно значење за науката.

Научниците го анализираат метеоритот за кој заклучиле дека со себе го донел најстариот материјал на Земјата. Тие откриле зрно прашина во каменот кој на нашата планета дошол од вселената во 60-тите години од 20-тиот век и заклучиле дека тој материјал е стар 7,5 милијарди години.

Најстарото зрно прашина се формирало во ѕвездите кои постоеле многу пред нашиот Сончев систем. Кога ѕвездата ќе изгасне, честичките кои се создале во неа одлетуваат во вселената, а потоа се инкорпорираат во нови ѕвезди, планети, сателити и метеорити.

“Ова се делови од ѕвезда, вистинска ѕвездена прашина”, рекол водечкиот автор на истражувањата, Филип Хек, кустос на Теренскиот музеј за природна историја во Чикаго.

Тимот истражувачи од америка и Швајцарија ги анализирал 40-те споменати честички кои биле составни делови од метеоритот кој паднал во 1969-та година во Австралија.

Од деловите на метеоритот е направена пудра, а од неа паста, која, како што велат научниците, “мирисала на расипан путер од кикирики”. Кога оваа паста била растворена во киселина, останала само ѕвездената прашина.

За да откријат колку е стара оваа прашина, истражувачите пресметувале колку долго била изложена на космичките зраци во вселената. Овие зраци се честички со висока енергија кои патуваат низ нашата галаксија и продираат во цврстата материја. Некои од овие зраци заедно со материјата на која делуваат, формираат нови елементи, а на основа на тоа колку нови елементи се присутни, научниците одредиле колку долго овие зрна биле изложени на космички зраци.

Се воспоставило дека некои од овие зрна прашина се најстарата материја пронајдена на светот. Повеќето од нив биле стари меѓу 4,6 и 4,9 милијарди години, постари од Сонцето и Земјата, а најстарата постои веќе неверојатни 7,5 милијарди години.

До ова откритие, најстарата честица пронајдена на Земјата била стара 5,5 милијарди години.

Благодарение на ова ново сознание научниците ќе можат посериозно да се занимаваат со прашањето дали бројот на нови ѕвезди во вселената останува стабилен или се случува некогаш да настанат многу повеќе, а некогаш многу помалку од проценките.