Луѓето инфицирани со новиот омикрон сој на COVID-19 имаат „необични симптоми“ кои се на некој начин различни од оние препознатливи за делта варијантата, вели јужноафриканска докторка кој беше една од првите кои ја открија новата мутација.

„Ковид-пациентите инфицирани со новиот сој почнаа да се појавуваат околу 18 ноември“, за BBC откри д-р Анџелик Кутци од Јужноафриканската медицинска асоцијација. Првиот таков случај бил маж во неговите 30-ти години кој ѝ рекол дека се чувствува „екстремно уморен“ веќе неколку дена, а потенцирал и на болки во телото и мала главоболка.

Пациентот не покажал симптоми типични за делта варијантата или било кој друг претходен ковид сој како кашлица, загубен мирис и вкус, а наместо воспалено грло имал грло кое го чешало.

Д-р Кутци вели дека нејзините колеги пријавиле пациенти со слични симптоми, кои биле многу благи и дека досега ниту еден пациент позитивен на омикрон не бил хоспитализиран во болница.

Нејзините заклучоци биле делумно потврдени од професорот Бари Схуб, виролог и водечко лице на Јужноафриканскиот министерски советодавен комитет за COVID-19 вакцини.

„Сега засега пријавените случаи се со прилично лесна клиничка слика. Овде во болниците имаме програма за надзор која нема пријавено зголемен број на хоспитализации. Сите потврдени омикрон случаи досега се лесни до средни. Сепак, сѐ уште е рано и треба да почекаме за подобро да ја разбереме вистинската опасност која ја носи новиот сој“, рече проф. Схуб за Sky News.

Професорот призна дека омикрон се шири навистина брзо и дека во Јужна Африка бројот на инфицирани со омикрон од 300 на ден рипнал на 3.200 на дневна база за само 10 дена.

Сојот омикрон прв пат беше откриен во јужните делови на Јужна Африка и веќе се прошири во земјите од регионот, но и во неколку европски земји преку патници дојдени од Јужна Африка. Откривањето на новиот сој предизвика бран на рестриктивни мерки ширум светот вклучително и забрана за летови и патувања. Јапонија, Израел и Мароко забранија секаков влез на странци, додека Австралија одлучи отворањето на своите граници да го одложи за две недели.