Под наслов „Загаденост на воздухот, еволуција и судбината на милијарди лица“, „Њујорк тајмс“ објави статија во која се разгледува прашањето за отпорноста што некои луѓе ја поседуваат против овој модерен напад.
Авторите тврдат дека токсините што се наоѓаат во воздухот се штетни до таа мера што можеле да влијаат врз еволуцијата на луѓето.
Пожарите во Австралија се оддалечени од Сиднеј речиси 200 километри, но чадот кој се издига може да се види на снимките што ги праќаат сателитите кои кружат околу Земјата.
Ништо помалку не е штетен густиот смог кој во зима се издига над Њу Делхи, кој и оваа година го зазеде неславното место како град со најгуст смог на светот.
Загадениот воздух им штети на милијарди луѓе затоа што надвор ние дишеме воздух кој е загаден со издувни гасови од сообраќајот. Исто толку (ако не и повеќе) е загаден чадот кој го испуштаат фабриките на јаглен и рафинериите. Палењето оган во куќите за да се готви или грее во сиромашните земји исто така го загадува воздухот кој го дишат милиони жители. Повеќе од милијарда луѓе додаваат токсини во белите дробови додека пушат.
Во светот 92 отсто од луѓето живеат на места каде што со воздухот вдишуваат и ПМ-честички, а тие се најштетни за човечките ткива.
Светската здравствена организација одреди што може да се смета за чист, односно здрав воздух, додека загадениот воздух и пушењето заедно се „виновни“ за предвремена смрт на 20 милиони лица годишно.
Токсините што се наоѓаат во воздухот ни штетат на изненадувачки многу начини. Покрај веќе одамна потврденото предизвикување на рак на белите дробови и заболување на срцето, истражувачите наоѓаат нови врски со дијабетес и Алцхајмерова болест.
Научниците ги збунува и необјаснивата отпорност која некои луѓе ја поседуваат во однос на загадениот воздух. Некои тврдат дека таа отпорност се крие во нашето далечно минато, кога немало ни цигари ни издувни гасови што би го загадувале воздухот.
Нашите далечни предци на самиот почеток на еволуцијата, додека сè уште биле поблиску до мајмуни отколку до луѓе, вдишувале загаден воздух во кој имало токсични честички. Тие далечни предци можеби создале имунитет кон токсичните честички во воздухот и тој имунитет им го пренесувале на потомците, велат некои антрополози.
Тоа еволутивно наследство може да ја зголемува нашата неотпорност на болести кои може да се поврзат со нови форми на загадување на воздухот.
Пред седум милиони години Африка почнала да добива пустина во централниот дел, а на југ и на исток никнале савани. Предците на шимпанзата и горилата останале во шумите, додека човековиот предок се привикнал на новото опкружување. Почнал да се движи на две нозе и да трча низ саваната.
Тие наши предци морале да се привикнат и на тоа повремено да бидат погодени од песочни бури од пустините и да вдишуваат честички што биле штетни за нивните бели дробови.
Густите шуми ги заштитиле мајмуните од песокта, но човековите предци во саваните ја вдишувале таа пустинска прашина бидејќи немале каде да се сокријат.
Белите дробови на нашите предци биле иритирани од поленот и честичките од фекалиите од безбројните животни што паселе на тревниците.
Научниците сметаат дека е потребно да се направи испитување на генот за да се дознае дали луѓето што се отпорни на чадот од цигарите и другите загадувачи поседуваат генска отпорност кон таквите загадувачи.
Извор: Nezavisne.com