Она што го пронајдоа за време на студијата ги загрижи истражувачите и им укажа на разновидност на потенцијално опасни вируси кои допрва треба да се откријат.

Научниците во Бразил откриле вирус кој изгледа сосема нов и кој се состои од гени кои досега не се идентификувани. Yaravirus brasiliensis, именуван по бразилското водно божество, е откриен во езерото Пампуља, во бразилскиот град Бело Хоризонте.

Во последниве неколку години, истражувачите откриле голем број на нови вируси кои ги изненадиле со нивните карактеристики, вклучувајќи ги и таканаречените „гигантски вируси“ (кои го добиле името по големите протеински обвивки).

Овие гигантски вируси имаат многу покомплексен геном отколку што научниците можеле да претпостават врз основа на досега познати и вообичаени вируси со кои се соочиле, а се способни да ја обноват и множат својата ДНК.

– За разлика од другите изолирани вируси на амеба, јаравирусот нема гигантски честички и сложен геном, но во исто време содржи значителен број на претходно неоткриени гени – пишуваат авторите, истакнувајќи дека овој вирус може да биде првиот во „новата лоза на вирусите амеба, со енигматично потекло и филогенија”.

Всушност, 90 проценти гените од јаравирусот никогаш порано не биле забележани во научни бази на податоци ниту во литература.

Научниците, со доза на загриженост, заклучуваат дека количината на непознати протеини во јаравирусот ја отвори вратата на новиот свет на уште неоткриени вируси, со кои допрва треба да се сретнеме и да ги утврдиме нивните карактеристики.