Apple потврди дека ги скенира корисничките фотографии во настаојувањето да открие докази за злоставување на деца, но американската технолошка компанија не откри многу за тоа како функционираат овие скенирања.

Овој податок ги загрижи корисниците на уредите на Apple, посебно бидејќи не е познато откога го практикува ова компанијата од Купертино.

Информацијата за скенирањето фотографии го потврди вишата директорка на Apple, Џејн Хорват, на настан во Лас Вегас, истакнувајќи дека „компанијата користи некои технологии за помош во пронаоѓање материјали за сексуално злоставување на деца“.

Претходно се претпоставувaше дека Apple би можел да ја има оваа пракса, но дури сега од компанијата официјално признаа дека тоа го прават. Со ова, Apple им се придружи на другите технолошки џинови, вклучувајќи ги Facebook, Twitter и Google, кои веќе користат алат за скенирање на фотографии познат како PhotoDNA. Овој алат ги прегледува фотографиите со помош на широката база на податоци на познати слики на злоставување. Не е познато дали алатката на Apple користи слична технологија за скенирање.

Оваа практика на Apple ги подели мислењата на неговите корисници. Додека едни ја фалат намерата на компанијата во сузбивањето криминал, други ја критикуваат, поради вмешување во приватноста на корисниците.

„Секако дека сите работат на сопирање на злоставувањето на децата, но тука не се работи за тоа. Не верувам дека Apple навистина се грижи за борбата против криминалот“, истакна новинарот и политички коментатор, Чадвик Мур.

 

Меѓутоа, технолошкиот експерт Бил Меј истакнува дека ваквите критики, сепак, се погрешни, тврдејќи дека новата мерка на американската компанија можеби е помалку наметлива отколку што изгледа, со оглед на технолошките можности на Apple.

Неколку други технолопки компании, исто така, се најдоа на мета на критиките поради слична пракса.