Од 1 јануари 2020 година ослободени од царина ќе бидат малите пратки до 90 евра. Со донесени измени на Уредбата, се зголемува прагот на ослободување од досегашните 45 евра. Зголемувањето на прагот е во насока на спроведување на препораките на Европската комисија, како и зголемување на обемот на е-трговија во земјава.
Ова е резултат на анализата за царинење на малите пратки, која ја спроведе Министерството за финансии.
„Расте бројот на мали пратки што граѓаните и компаниите ги порачуваат преку Интернет, а со тоа растат и предизвиците и за државата и за компаниите. Во ЕУ, прагот за мали пратки е 150 евра. Граѓаните што се враќаат од странство преку граничен премин, можат со себе да носат стоки во вредност од 350 евра и за нив да не платат увозни давачки. Кога зборуваме за олеснувањето на прекуграничната е-трговија треба да се земат предвид двете страни. Константни се барањата на граѓаните за зголемување на прагот на вредноста на стоки што подлежат на ослободување од плаќање царина. Од друга страна, има голем притисок на одредена категорија граѓани кои низ превезот на поголеми повластици сакаат да вршат нелегална трговија. Затоа работиме на подобрување на процесите и зголемување на ефикасноста“, рече министерката Ангеловска на промоцијата на скенерот за контрола на поштенски пратки во Царинската испостава Пошта во ноември годинава.
Согласно податоците на Државниот завод за статистика онлајн купувањето во нашата земја во 2019 година е зголемено за 14% во последните 12 месеци, односно онлајн нарачките се зголемиле на 35,9% од 31,6%. Исто така, зголемен е опфатот на домаќинства кои користат интернет за 81,8%.
Поврзани артикли