Одамна Facebook е навлезен во секој аспект од нашите животи, но компанијата очигледно не сака да запре на тоа. Сега сака да се „вовлече“ и во хардверот. Тоа веќе го направи со компанијата Oculus, која е во сопственост на Facebook, но и натаму не е задоволна со своето влијание на полето на хардверот.

Поради тоа, реши да направи сопствен оперативен систем, сакајќи на тој начин да му парира на Android на полето на преносните и мобилни уреди. Засега немаме информации ни за работното, ни за официјалното име на проектот, но се знае дека еден од водечките луѓе на него е Марк Луковски, бивш вработен во Microsoft, кој е познат како коавтор на Windows NT.

Од компанијата нема официјални реакции на оваа вест. Еден од клучните луѓе на Facebook за AR и VR, Фикус Киркпатрик не ја потврди работата на „Facebook OS“, но призна дека компанијата би имала многу бенефити кога би се ослободила од зависноста од другите оперативни системи.

Аналитичарите сметаат дека на овој начин Facebook ќе проба да ја ископира тактиката на Apple на целосна контрола на екосистемот на своите производи, почнувајќи од дизајнот, па се до хардверот и софтверот.

Меѓутоа, со оглед дека оваа компанија баш и нема репутација на бренд на кој може да му се верува, може да се случи ознаката „Powered by Facebook OS“ (или како и да се нарекува), може повеќе да ги одбие луѓето од купување на таков производ, отколку да ги привлече.