Иако 2019. година не беше најпрофитабилна за производителите на паметни телефони, Apple и натаму држи најголем дел од пазарниот профит во свој посед. Според најновото истражување на компанијата Counterpoint Research, Apple приграби вкупно 66 проценти од индустрискиот профит, иако генерираше само 32 проценти заработка од смартфони во третиот квартал, на глобално ниво.

Она што е уште позначајно за резултатот на компанијата е дека овој ефект е остварен пред празничната сезона, која е клучен период за Apple, во текот на кој компанијата вообичаена бележи најголема продажба. Само за споредба, профитот на Apple за четвртиот квартал од 2018. година бил во ранг од 80 проценти, а се очекува сличен резултат и за четвртото тримесечје од 2019.

Кога е во прашање остатокот од листата, Samsung е на второто место по заработка за периодот јули-септември, во текот на кој јужнокорејската компанија забележала 17 проценти од вкупниот профит. На ова најмногу влијаше силната продажба на Galaxy A и Note10 серијата телефони. Останатите компании, кои оствариле солидна заработка, ги вклучуваат Huawei, Oppo, Vivo и Xiaomi.

Се сугерира дека кинеските брендови значајно ќе профитираат во текот на 2020. година по 5G комерцијализацијата и ќе бидат во можност да ги зголемат бараните цени за своите мобилни уреди.