Анализата на „гума за џвакање“ постара од 5.000 години го открива не само потеклото на древната Скандинавка што ја џвакала, туку и бојата на нејзините очи, бактериите од устата и што јадела, откриваат дански научници.

Ова е првпат геномот на еден древен човек да се добие од нешто што не се коски или заби, истакна Хенс Шројдер од Универзитетот во Копенхаген, коавтор на истражување кое беше објавено во списанието Nature.

Тој скапоцен извор на древна ДНК, особено од период од кој се ретки човечките останки, е само црна смеса добиена од загреана кора на бреза, која е многу добро зачувана.

Во праисторијата често се џвакало, а тоа го покажуваат отпечатоците од заби во кората од бреза. Пастата што ја проучувале експертите од Универзитетот во Копенхаген е откриена при археолошки ископувања спроведени на југот од Данска.

Со проучување на смолата од бреза научниците утврдиле дека ја џвакала жена, веројатно со сини очи и темна коса. Според нивното истражување, таа има потекло од континентална Европа, а не од централно-скандинавските популации на ловци-собирачи.

Извор: 24sata.hr / Science Alert