Не само што електричните автомобили се помалку сигурни или доверливи, туку и сервисите траат подолго од оние на бензинците и дизелите

Електричните автомобили отсекогаш се сметале за посигурни од возилата на бензин или дизел. На крајот на краиштата, електричните возила имаат помалку подвижни делови, како и помалку течности. Сепак, една нова студија покажува дека електричните автомобили сепак не се посигурни од варијантите со внатрешно согорување.

Имено, една нова студија на британската групација на потрошувачи „Which?“ открива дека сопствениците на традиционални возила со бензин или дизел пријавуваат помалку проблеми во првите четири години од сопственоста отколку сопствениците на електрични возила. Групата анкетирала вкупно 48.000 луѓе за возилата што ги возат, а меѓу нив биле вклучени и 2.184 сопственици на електрични возила. 39 проценти од сопствениците на електрични возила пријавиле проблем во првите четири години од сопственоста, во споредба со само 19 проценти од сопствениците на бензински автомобили и 29 проценти од сопствениците на дизел автомобили.

Не само што електричните автомобили се помалку сигурни, туку и сервисите траат подолго од оние на возилата со радиционални горива. Најчестите проблеми се поврзани со софтверот, чија поправка траела до пет дена, во споредба со три дена за автомобилите на бензин и четири дена за дизелите.

Најмалку сигурна или доверлива од сите марки на електрични возила е Tesla, со 39 проценти од сопствениците кои пријавиле барем една грешка во рок од 4 години од сопственоста, а 5 проценти од проблемите поврзани со стартување на возилото. На другиот крај од листата е Kia со својот e-Niro, при што само 6 отсто од сопствениците пријавиле дефект, а само 1 отсто од нив се поврзани со стартувањето.

„Знаеме дека возачите сакаат да се префрлат на поеколошки автомобили, но од витално значење е да се добие квалитетен производ“, вели Лиза Барбер од Which?. „Особено кај електричните возила, нашето истражување покажува дека премиум цена не значи неопходно и сигурно или доверливо возило, така што секогаш би ги охрабриле возачите да истражуваат пред да направат толку значајно купување за да видат на кои автомобили и брендови можат да им веруваат“.

Мора да се признае, електричните возила сè уште се прилично нов производ во автомобилскиот свет, но најверојатно ќе видиме зголемена доверливост како што технологијата понатаму се развива.

Извор: Додај Гас