Претстојниот флегшип модел на Huawei – P40 би можел да биде исклучително моќен, а новите гласини сугерираат дека ќе има дисплеј со стапка на освежување од 120Hz и 5500mAh батерија.
Дојавувачот Yash Raj Chaudhary навестува спецификации во премиум сегментот за Huawei P40, кои вклучуваат 6.5-инчен 2K OLED Waterfall дисплеј со 120Hz освежување, како и 64MP камера на задната страна, која ќе биде поддржана со 20MP ултраширок сензор и 12MP телефото леќа, која вклучува макро и ToF сензори.
Покрај ова, телефонот би требало да има и 5500mAh батерија, која во целост ќе се полни за 45 минути преку исклучително брзиот полнач од 50W.
Секако, потребно е да се има на ум дека ова се само гласини и се уште ништо не е потврдено од компанијата Huawei. Но, доколку само некои од овие информации се испостават како точни, Huawei P40 ќе биде моќен телефон кој ќе може да се носи со најголемата конкуренција на пазарот.