Најновиот извештај на аналитичката компанија Canalys дава преглед на пазарот на паметни телефони и неговиот удел на пазарот со јасен фокус на Европа. Накратко – Samsung е се уште најзастапен бренд и успеа да го зголеми својот пазарен удел на Стариот континент. Јужнокорејскиот гигант сега има удел од 30,4 проценти, со раст од 26% на годишно ниво.

На второто место и натаму е Huawei, кој и покрај санкциите на САД успеа да продаде повеќе уреди во третиот квартал отколку во вториот квартал – 11,6 милиони наспроти 8,5 милиони. Сепак, бројките се практично идентични во однос на минатата година, така што не е забележан раст во однос на истиот период во 2018 година. Со оглед на околностите, компанијата е веројатно задоволна што успеа да го задржи својот европски удел на 23,9%.

Третото место е резервирано за американската компанија Apple. Иако продаде 9,8 милиони телефони, овие бројки се помали во однос на истиот период минатата година, и на тој начин бележи пад на продажбата од 4 проценти. Четврти на листата е  кинескиот Xiaomi, кој забележа најголем процентен раст на европскиот континент. Xiaomi порасна за дури 73 проценти во односна истиот период минатата година, испорачувајќи дури 5,5 милиони уреди. На тој начин, успеа да стекне удел на пазарот од 10,5%. Главната причина за овој успех е големата инвестиција во експанзијата во Европа, која беше главен фокус на Xiaomi во текот на изминатата година. HMD, сопственик на брендот Nokia, се најде на петтото место со продадени 0,9 милиони смартфони и удел од 1,8%. Ова значи дека истовремено е забележан пад од 21% во однос на претходната година.