За да бидат покриени потребите и на корисниците од помалку развиените пазари, компанијата го лансираше Instagram Lite – „олеснета“ верзија на Instagram наменета да штеди, а не да троши мобилен интернет.

Instagram Lite се појави на Google Play Store без претходна најава и без многу помпа, а компанијата само ја потврди веста преку TechCrunch, велејќи дека таа е достапна во Мексико од оваа недела и ќе се проширува низ многу други земји во иднина. Од компанијата велат дека Instagram Lite „зафаќа помалку место во вашиот уред, користи помалку интернет и побрзо се вклучува“, но не беше објаснето дали таа ќе поддржува реклами, кои би направиле поголемо оптеретување на мобилниот интернет.

Новата апликација зафаќа само 573 килобајти меморија, што е 246 пати помалку од обичната Instagram апликација, која зафаќа 141 мегабајт. Исто како и на оригиналната апликација, ќе можете да споделувате слики и да гледање Stories преку неа, но некои опции се и понатаму недостапни за Lite верзијата, како што се споделување на видеа и разменување пораки со други корисници.

Лансирањето на Lite верзии на оригиналните апликации стана тренд кај сите компании кои сакаат да го прошират пазарот подалеку од САД и Европа. Нивната популарност се прошири и кај корисници кои се наоѓаат во развиените пазари, бидејќи Lite верзиите се често многу побрзи и ги отстрануваат непотребните опции од оригиналната апликација кои само ја забавуваат работата на телефонот.