Олафур Арналдс со албумот на 21. век во Сава Центар во Белград

На 20. ноември во белградскиот Сава Центар концерт ќе одржи маестралниот исландски музичар Олафур Арналдс, кој ќе го промовира еден од најдобрите албуми на 21. век, „Remember“.

НИКОЛА БУРАГЕВ

Во текот на последните петнаесетина години, 33-годишниот пијанист, мултинструменталист и композитор Олафур Арналдс константно се откриваше и себе и музиката која го инспирира и провоцира. Музата го водеше на потполно поинакви страни: од улога на тапанар во хардкор бенд и свирење на Шопен со Алис Сара От, преку соработката со бројните локални (исландски) уметници во рамките на Mercury Classics проектот (Island Songs) и компонирањето музика за култната ТВ серија „Broadcurch“, до соработката со Јанус Расмусен на нивната визија на електронска/техно/клупска музика низ Kiasmos.

Во меѓувреме правеше музика и за балет и за филм. Ги складираше сите тие искуства, технички напредуваше, го ширеше кругот на уметници кои ги инспирираат и се подготвуваше за конечно излегување од чаурата. Арналдс на „Re:member“, кој е официјално негов четврти (соло) студиски албум, сите тие сирови искуства на свирење на различни жанрови пушти да се преплетуваат и комбинираат без филтрирање, а во исто време влезе во сржта на креативниот процес во кој уметникот во текот на креацијата целосно изгледува од маѓепсаниот круг на туѓите и сопствени очекувања и навики.

Светските медиуми албумот „Re:member“ го опишаа како запознавање на несекојдните агли на мистичниот Исланд, од каде потекнува овој фантастичен композитор, музичар и продуцент.

Една од работите кои овој Исланѓанин го прават посебен е дека токму во време на најдлабоката креаторска блокада, Олафур изуми нов инструмент. Софтверот Стратус кој Арналдс го креираше му помага со помош на само еден клавир да контролира уште два кои го следат и баш според овој принцип настана албумот „Re:member“.

Овој албум го води слушателот низ различни расположенија и чувства, низ различни музички пејзажи. Секое парче на овие дела е можно да се слушне поединечно – композицијата, пропратните звулчни елементи и поп призвуци кои се пробиваат и цветаат низ песната. Секоја нумера со својот почеток нагласува дека „re:member“ продолжува да тече, не се заморува и не му дозволува на слушателот да се умори, бидејќи секој пат носи нешто ново и целосно неочекувано.

„Ова е албум со кој излегувам од своите рамки“, објаснува Арналдс. „Ги користам сировите влијанија од најразличните жанрови и не сакам ни на кој начин да ги филтрирам. Албумот заоѓа во длабочините на креативниот процес и прикажува како поединецот може да изманипулира со ситуацијата и излезе од навиките и очекуваното“.

Сепак, низ 12-те композиции на албумот Олафур не се исклучува, туку го повикува слушателот да му се придружи и да биде дел од неговиот креативен процес. Ваквите мотиви се видливи и на неговите настапи, кога се труди целата публика да ја вклучи во самата изведба. „Сакам мојата музика да ја инспирира креативната заедница“, истакнува тој.

Светот изненадно минатата година го напушти единствениот Јохан Јохансон, но за оној суптилен дел на емоциите кои само музиката може да ги предизвика и да ги извлече во прв план, тука се и натаму алхемичарите Нилс Фрам, Макс Рихтер, Олафур Арналдс и други, кои се уште се откриваат себеси и значењето кое музиката го има во ова време на отуѓеност и површност.

Концертот на Олафур Арналдс не е „само“ музички настан на годината на Балканот, ова е момент во просторот и времето кој може да инспирира на разни големи работи на генерации луѓе кои се уште не се сиурни во својот талент и своите чувства. Овој концерт се слуша со широко отворено срце.