Најсмртоносното катаклизмично сценарио кое би можело сериозно да го загрози животот на Земјата е удар на астероид. Веднаш потоа следуваат супервулканите кои во минатото доведувале до масовни изумирања и климатски промени.

Супервулкани – на нашата планета ги има околу 20, а во просек еруптираат на секои сто илјади години. Следен на ред е американскиот Јелоустоун, на сите познат како еден од најубавите национални паркови во САД. Во последните години се повеќе се шпекулира дека токму Јелоустоун би можел да се разбуди. Последен кој го потенцираше тоа е американскиот истражувачки новинар Брајан Валш кој меѓу другите пишуваше и за Newsweek, Bloomberg и Time, во својата новообјавена книга “End Times”.

Зошто потресот е прашање на годината?

Јелоустоун според пресметките на научниците има еруптирано три пати, пред 2,1 милион, 1,3 милиони и 640 илјади години. Инаку, Јелоустоун е прилично активен вулкан, годишно „го тресат“ околу 3 илјади земјотреси.

Доколку би дошло до експлозија од најголемата категорија, околу пет милијарди луѓе би можеле да бидат збришани од Земјата. Секако, од САД не би останало ништо, околното подрачје би било затрупано од магма, околните сојузни држави би биле прекриени со метар пепел, а пепелта би стигнала до сите краишта на Америка.

Има ли NASA решение?

Сепак, има лоши вести и за сите оние надвор од САД, пред се поради отровните гасови, би имало врнежи на кисели дождови, а најголемиот дел од планетата ќе биде покриен со густ облак. Таквиот облак би ги блокирал сончевите зраци па неколку години би траела таканаречената вулканска зима.

Според една проекција на Обединетите нации од 2012-та година, доколку дојде до вулканска зима, светот би останал без залихи на храна за само 74 дена.

Сепак, во едно вакво апокалиптично сценарио има и нешто охрабрувачко. Пред две години НАСА собра екипа на експерти кои што треба да го решат, или барем да го ублажат проблемот. Имаат и одлична идеја која што освен тоа што ќе ја спречи ерупцијата, ќе произведе и електрична енергија.

Цената за ваквиот потфат е „ситница“, само 3,5 милијарди долари, а поедноставено кажано, во базените со хидротермална вода која се наоѓа под површината ќе биде вбризгана студена вода која би извлекла уште повеќе топлина од вулканот, нешто што би можело да ја спречи магмата да достигне температура поради која би еруптирала.

Извор: Jutarnji List