Октомври годинава е најжешкиот октомври досега регистриран на планетата, соопшти денеска европската Служба за климатски промени Коперникус, истакнувајќи дека се работи за петти последователен месец во кој е регистриран топлотен рекорд или температурите биле многу блиску до највисоки бројки.

Октомври 2019 година беше 0,63 Целзиусови степени над просечната температура од референтниот период 1981-2000, со што незначително е урнат рекордот од октомври 2015 година за 0,01 степени Целзиусови, но беше 1,2 Целзиусови степени над температурата во прединдустрискиот период.

– Ова е петтиот последователен месец во кој се регистрира рекордно висока температура или температура многу блиску до рекордот, соопшти Коперникус.

Јуни 2019 година беше најжешкиот јуни досега регистриран, а јули го достигна апсолутниот рекорд на најжешките месец регистриран досега. Август 2019 година беше втор во топлина за месец август, а септември беше на првото место.

Последните четири години беа најтоплите досега регистрирани на планетата, а уште во август Светската метеоролошка организација веќе процени дека 2019 година ќе биде меѓу петте најтопли години, што соодветствува со предвидувањата на научниците за влијанието на климатските промени.