Компанијата Facebook тестира криптирани аудио и видеоповици преку опцијата Secret Conversations во апликацијата Messenger, пренесуваат американски портали специјализирани за технологија.
Наводно, аудио и видеоповиците направени преку опцијата за тајни разговори ќе бидат „шифрирани од почеток до крај на сите ваши активни мобилни уреди“.
Facebook ги воведе тајните разговори како експериментална функција за Messenger во 2016 година, овозможувајќи им на корисниците да испраќаат „end-to-end“ шифрирани пораки, а се чини дека наскоро треба да биде овозможено криптирање и на аудио и видеоповици.
Сепак, со оглед на тоа што оваа функција во моментов е во фаза на тестирање, може да мине извесно време пред навистина да можете да остварите аудио или видеоповици на побезбеден начин.
Facebook Messenger is testing Video/Audio calls over Secret Conversation pic.twitter.com/aNgnvtzsBf
— Jane Manchun Wong (@wongmjane) October 31, 2019
Facebook на почетокот на оваа година објави дека планира да воведе „end-to-end“ енкрипција на сите свои популарни апликации за размена на пораки, како дел од пристапот за поголема приватност на корисниците.
Ова значи дека комуникацијата меѓу корисниците, без разлика дали се работи за двајца или повеќе, е заштитена со посебни кодови достапни само на уредите од корисниците. Целата комуникација е недостапна за кој било друг, а тоа важи и дури и за компанијата која ја овозможува услугата.