Технологијата за комуникација помеѓу автомобили и инфраструктура не е нова, но сè уште не заживеала во пракса. Новиот Golf би можел тоа да го промени.
Автомобилските компании се обидуваат да најдат решенија кои можат да ја зголемат безбедноста на автомобилите и сообраќајот и да го намалат бројот на сообраќајни незгоди и жртви, а еден начин е поврзување и комуникација на автомобилите помеѓу себе и со инфраструктура. За технологијата V2X (vehicle to X) се зборува со години, но сè уште истата не заживеала во пракса, иако некои компании најавија можност за поврзување на нивните возила со инфраструктурата како што се семафорите. На пр. автомобил што комуницира со семафорите има информации за тоа кога ќе се смени светлото и на основа на тоа ќе ја прилагоди брзината на движење со цел да би се фатило зеленото светло со извесно забрзување или да се забави за да не мора да се застане и да се чека зелено светло.
Volkswagen оваа технологија ја воведува во новата, неодамна претставена генерација на Golf, и во германскиот автомобилски гигант, се надеваат дека нивниот потег ќе ги охрабри другите компании да размислат за употреба на V2X технологијата и во нивните возила. Се разбира, колку повеќе возила, семафори, сообраќајни знаци и друга инфраструктура се поврзани, толку е поголема веројатноста дека ќе се разменуваат важни пораки и сигнали меѓу нив.
Во случај на евентуална штета на патот, во случај на сообраќајна незгода или слично, автомобилите, семафорите и другите форми на поврзана инфраструктура веднаш би испратиле пораки за тоа. Возачите би биле свесни за проблемите во реално време и ќе ги заобиколат проблематичните сообраќајни места или ќе возат повнимателно, намалувајќи го ризикот од несреќи. Од друга страна, оваа поврзана технологија може да го забрза пристигнувањето на автономните автомобили на патиштата.
Проблемот со таквата поврзана технологија во моментот е тоа што има две нејзини верзии кои не се компатибилни. Едната се заснова на постариот стандард (V2X) и Wi-Fi, додека поновата верзија се заснова на мобилните мрежи. Volkswagen, кој во развојот и имплементацијата соработува со компанијата NXP, користи постара технологија, додека некои други компании како Toyota и Ford најавија поддршка за поноваta C-V2X технологија, која Ford има намера да ја спроведе во своите возила од 2021 година.