Астрономи открија признаци за присуството на вода на кометата 2И Борисов. Доколку ова биде официјално потврдено, тоа ќе биде првото вселенско тело што од друг планетарен систем влегло во нашиот, а на коешто има вода.

Кометата Борисов беше откриена кон крајот на август, па астрономите ја следат како се движи и доближува кон Сонцето. На неа веќе е забележан цијаноген, отровен гас што го има во кометите од Сончевиот Систем.

Новите податоци пак, говорат дека кометата произведува до 19 литри вода во секунда. Според Алан Фицсимонс од Квинс универзитетот во Белфаст, Северна Ирска, забележани се кислородни молекули, коишто најверојатно учествуваат во процес на создавање вода на кометата.

Вода вон Сончевиот Систем е откривана и претходно – во атмосферата на егзопланети или пак во магливиот простор околу ѕвезди во зародиш.