Ако случајно имате над милион долари, a при тоа сте „технолошки гик“ и обожавател на производите со логото на гризнатото јаболко – тогаш ова е вистинската работа за вас!

Првиот компјутер што некогаш го создадоа Стив Џобс и Стив Возниак под ознаката Apple, исклучително редок примерок на целосно комплетниот и исправен, рачно изработен компјутер, „сместен“ во дрвена кутија, е понуден на аукција на eBay.

Уредот под ознаката Apple Computer 1, подоцна познат како Apple I или Apple-1 е десктоп компјутер направен од Apple Computer Company (денес Apple) уште во 1976 година.

Apple I, кој го проектираше и своерачно го состави Вознијак, на аукцијата е понуден по почетна цена од 1.750.000 американски долари (околу 1,5 милиони евра).

Описот на производот на аукцијата наведува дека станува збор за исклучително редок уред, прв од ваков вид понуден досега на eBay. Компјутерот, чиј хардвер е сместен во оригиналното Byte Shop KOA дрвено куќиште, има оригинално напојување, Datanetics D тастатура и е во целосно функционална состојба, наведува сајтот Geeky-gadget.

Експертот за уреди на Apple, Кори Коен потврди дека компјутерот, кој во август оваа година беше претставен на Vintage Computer Festival West во САД е оригиналниот Apple I. На тој настан „кецот“ секој ден работел по шест часа.

Идентични Apple I компјутери, во дрвенo куќиште, има само шест во светот. Секој што ќе избере да ја издвои горенаведената сума, со компјутерот ќе го добие оригиналниот прирачник, шемите, касетна единица, а од софтверот Basic, игри и мемориски тестови.

Десктоп компјутерот не би бил тоа без монитор, па тука е и Sony TV-115 портабл телевизор со видео модулатор, од 1976. година, кој Стив Џобс го препорачал како монитор за првиот компјутер на Apple.