Кинескиот технолошки гигант Alibaba е цел на околу 300 милиони сајбер напади секој ден, според основачот и поранешен извршен директор на компанијата – Џек Ма.
Ма рече дека е „горд“ што и покрај бројните обиди за хакирање, одделот за плаќања Alipay, кој има скоро 1 милијарда корисници и обработува 50 милијарди американски долари во трансакции секој ден, сè уште не изгубил „ни цент“ во корист на хакерите.
„Постојат над 300 милиони обиди за хакериње на ден против Alibaba. Секој ден. Но, ние се справуваме со тоа. Ние немаме ниту еден проблем“, рече Ма за време на конференцијата на „Форбс“ во Сингапур.
За споредба, кинескиот технолошки гигант Huawei е објект на околу еден милион сајбер напади на ден, според директорот за безбедност на компанијата. Другите технолошки компании се помалку отворени за нивната ранливост на сајбер напади.
Alibaba се судри со обемен напад во февруари, по кој под закана беа профили на 20 милиони корисници на страницата за е-трговија Taobao. Компанијата објави дека го пресретнала нападот. Ма ги истакна напредните технолошки способности на компанијата, истакнувајќи дека машините се подобри од луѓето кога користат логика за да спречат злонамерни напади преку Интернет.
„Ние ја обучуваме машината на сите начини на кои луѓето се обидуваат да ја измамат“, рече Ма. „Машината памти милиони начини на измами, па кога ќе почнеме да се обидуваме да мамиме, таа веќе знае дека тоа го правиме. Во овој поглед, ние ја заштитуваме целата технологија“.
Џек Ма се повлече од Alibaba минатиот месец, 20 години по основањето на компанијата, потсетува CNBC
Поврзани артикли