Германскиот производител на автомобилите „порше“, потпиша договор со компанијата „Боинг“ со кој двете компании ќе се обидат да создадат летечки возила. Договорот меѓу компаниите значи дека двете компании ќе ги насочат своите активности кон развивање на „урбана мобилност во воздух и ширење на градскиот сообраќај во воздушниот простор“.
Тие ќе се фокусираат на креирање летачки лични премиум возила , а компаниите ќе го истражат нивниот пазарен потенцијал и можност за користење на овие возила во иднината. Во план е и развој на електрично возило за вертикално полетување и слетување, но таквото возило во овој момент е само идеја.
Иако партнерството се уште е во рана фаза, двете компании како илустрација објавија неколку слики кои прикажуваат елегантно мало летало со кратки крилја.