Универзитот во Оксфорд прими огромна донација наменета за нов институт кој ќе ја проучува етиката на вештачката интелигенција.

Стивен Шварцман, милијардер од САД, воедно и поранешен советник на претседателот на САД, Доналд Трамп, за оваа цел донира неверојатни 150 милиони фунти.

Оваа донација ќе биде дел од фондот наменет за факултетот за општествено-хуманистички науки.

Владата на Британија се заблагодари за донацијата на Шварцман и изјави дека оваа инвестиција е од глобално значење.

Во време кога универзитетите во Велика Британија се наоѓаат во состојба на неизвесност во врска со финансирањето поради брегзитот, оваа донација е многу значаен финансиски поттик за Универзитетот „Оксфорд“.

Шварцман е еден од најпознатите милијардери во Америка, а поради своето бурно минато и прелуксузен живот, тој често бил цел на критики од страна на јавноста.

Сепак, финансиерот од „Волстрит“ сè почесто своето богатство го донира за образовни цели и научни истражувања.

Шварцман вели дека одлучил да му донира пари на „Оксфорд“ поради тоа што вештачката интелигенција е едно од главните прашања на идните генерации.

„Моментно ниедна влада не е подготвена да се занимава со овие прашања, а и зошто би биле, ова е еден сосема поинаков вид технологија“, вели тој.

„Тие ќе мора да се потпираат на знаењата на најпрестижните универзитети, како „Оксфорд“, како и други институти во светот чија експертиза е од голема помош за ‘Оксфорд’“, посочи Шварцман.

Милијардерот додава дека универзитетите мора да помогнат во креирањето етичка рамка за работа бидејќи промените се случуваат многу бргу.