По бројните вести и неофицијални информации во текот на претходните недели, Samsung Galaxy A70s е официјално претставен. Смартфонот е објавен во Индија и пристигнува со новиот 64MP Bright GW1 сензор на Samsung на задната страна.
Од предната страна наизглед нема позначајни измени на дизајнот во однос на Galaxy A70 моделот. Тука е истиот 6.7-инчен FHD+ Super AMOLED панел, со засек во облик на капка во кој е сместена 32MP селфи камера. Сензорот за отпечатоци од прсти и натаму е сместен под екранот.
Главната видлива измена на дизајнот е на задната страна, каде што сега е присутен 3D градиент дизајн со блескав финиш. Главната камера има 64MP сензор (F/1.8), а покрај неа тука е и 8MP F/2.2 ултраширокиот и 5MP сензор на длабочина. Снимањето на видео е можно до 4K @30fps.
Телефонот го покренува Snapdragon 675 чипсет, во комбинација со 6GB или 8GB RAM и 128GB простор за складирање. Galaxy A70s пристигнува со 4500mAh батерија, која поддржува 25W брзо полнење. На полето на софтверот е присутен OneUI, преку Android 9 Pie.
Samsung Galaxy A70s во Индија се продава по цена од околу 410 долари за основниот модел со 6GB RAM и 128GB простор за складирање, додека 8GB модел чини околу 440 долари.