Само неколку дена пред да се одбележи 70-годишнината од Народна Република Кина (1. октомври), американскиот носач на авиони „Роналд Реган“ стациониран во Јапонија, впловил во спорното Јужно кинеско море, а сателитски снимки објавени на социјалните мрежи покажуваат дека бил опкружен од неколку неидентификувани воени бродови, пренесе „Јапан тајмс“, додавајќи дека најверојатно станува збор за кинески бродови.

Весникот објави дека портпаролката на американската Седма флота, Ријан Момсен не сакала да ја потврди моментната локација на „Роналд Реган“, но рекла дека носачот на авиони спроведува рутински операции.

Кинеското Министерство за одбрана цени дека САД го испратиле носачот на авиони во Јужното кинеско море за да демонстрираат сила и да ја зајакнат милитаризацијата во регионот.

Министерството ги повика САД да ја почитуваат загриженоста на земјите од регионот во однос на безбедноста и да дадат позитивен придонес кон мирот и стабилноста.

Со децении, Пекинг води спорови со неколку земји во азиско-пацифичкиот регион околу територијалната припадност на бројните острови во Јужното кинеско море.

Соединетите држави не се страна во спорот, но тие не ги прифаќаат претензиите на Кина и инсистираат на своја слободна половидба во регионот, пренесува „Јапан тајмс“.